Тренерот Данило Брестовац, изрази разочарување по новиот пораз на Металург, овој пат од Железничар во шестиот натпревар во СЕХА лигата (29-30). Тој изрази надеж дека одморот и паузата за репрезентативните настапи, добро ќе им дојде на младите ракометари на Металург.
„Им честитам на Железничар и на Вујовиќ за победата. Не победија заслужено. Ние имавме многу технички грешки, немавме напад, немавме одбрана, немавме брза топка. Не игравме убав ракомет. Имаме многу осцилации. Тешко е, мора да се бориме и да работиме. Едвај ја чекам репрезентативната пауза. Уморни сме, ни недостасуваат и неколку играчи за да имаме квалитетна ротација. Не можам да си дозволам луксуз, во тимот имам премлади играчи. Внимавам, затоа што децата ми се важни. Треба време, мислам дека сме на добар пат со оваа млада екипа. За 2-3 години, Металург би бил многу добра екипа. Со поддршка од сите, можеме да го постигнеме посакуваното ниво. Со Шпенде во ротацијата наредниот месец ќе бидеме подобри на левата бековска позиција“ – истакна Данило Брестовац.
Десниот бек, Мартин Серафимов дури девет пати беше прецизен од седум метри и беше прв стрелец на дуелот со Железничар. И тој истакна дека одморот ќе биде добредојден за младиот состав на Металург да собере сили.
„Се што кажа тренерот стои. Како еден од помладите играчи, мора да напоменам дека ние сме во овој тим за да помогнеме. На овој меч моравме да одиграме подобра одбрана. Полуконтрата ни функционираше добро, не врати во мечот. Но има уште многу работа. Сега доаѓа ЕХФ неделата , одморот добро ќе ни дојде“ – рече Мартин Серафимов.
Следниот натпревар во СЕХА лигата, Металург го игра на 20 октомври против Татран Прешов на домашен терен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА