Еден од најдобрите НФЛ-играчи во историјата, легендарниот Брет Фавр денеска објави дека боледува од Паркинсонова болест. Легендарниот квотербек ја соопшти лошата вест неколку дена пред неговиот 55. роденден, по што американските медиуми и фановите ја поврзаа болеста со бројните удари во главата што Фавр ги трпеше во својата долгогодишна професионална кариера.
Тој долги години беше сопственик на бројни рекорди во НФЛ-лигата, што подоцна ги рунаа Пејтон Менинг и Том Брејди. Фавр беше МВП на НФЛ-лигата три години по ред, од 1995 до 1997 година. Најголемиот дел од кариерата го мина во дресот на Грин Беј пекерс чиј дрес го носеше од 1992 до 2007 година, стигнувајќи и до еден шампионски прстен.
Паркинсонова болест е проблем на мозокот да продуцира доволно допамин, а научните истражувања покажале дека една од главните причини се удари во главата, нешто што е вообичаена пракса во американскиот фудбал.
Фавр објави дека самиот инвестирал милионска сума во компанија што се обидува да најде лек за ваков вид на повреди, со што би се спречила појава на Паркинсонова болест.
„За мене е веќе доцна бидејќи ми е дијагностицирана Паркинсонова болест. Сепак, ќе разберете зошто оваа тема ми е толку блиска до срцето и сакам да помогнам да се најде лек што ќе им пмогне на многумина во иднина“, изјави Фавр.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА