Феликс Брих е изборот на УЕФА за главен судија на утрешниот натпревар меѓу ПСЖ и Реал Мадрид во осминафиналето од Лигата на шампионите. Германскиот арбитар важи за еден од најстандардните во Европа по критериумите и квалитетот на судењето, но јасно е дека Брих нема да има нималку лесна задача, особено по критиките кон Италијанецот Роки по поразот на ПСЖ на првиот меч и притисокот што домаќините ќе се обидат да го извршат врз него.
Интересен е фактот дека ниту едниот, ниту пак другиот тим никогаш не загубиле кога Брих бил задолжен за делење на правдата. Тој последен пат му донесе среќа на Реал Мадрид во големото финале во Кардиф ланската сезона, кога „кралевите“ го растурија Јувентус со 4-1, а Германецот му додели дискутабилен црвен картон на Квадрадо. Претходно, на неговите натпревари Реал славеше и во четвртфиналето над Атлетико во 2015 година со голот на Чичарито, како и на групните натпревари од ЛШ против Копенхаген (0-2), АПОЕЛ (0-3) и Тотенхем (4-0). „Кралевите“ имаат и две реми на натпревари на кои Брих ја делел правдата, и тоа против Манчестер јунајтед (2012) и Милан (2009 година).
Тој последен пат му судел на ПСЖ во 2016 година, кога „светците“ стигнаа до голем триумф од 1-2 на гостувањето против Челси, а истата година францускиот гигант ремизираше и 2-2 со Арсенал, уште еден меч на кој главен абитар беше Феликс Брих. Покрај овие две средби, Германецот му судеше на ПСЖ и на гостувањето во Атина против Олимпијакос во 2013 година, меч на кој „светците“ триумфираа со 1-4.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА