Брињоне е успешно оперирана, но ја чека долга пауза

Победничката во Светскиот куп во скијање, Федерика Брињоне, успешно беше оперирана во Милано откако ја скрши ногата при пад за време на трката од националниот шампионат на Италија во Вал ди Фаса.

Италијанката се здоби со повеќе скршеници на ногата, а била оперирана во клиниката „Ла Мадонина“.

„Операцијата помина добро, би рекол, дури и подобро од очекуваното. Потврдена е тешка скршеница со оштетување на капсуларниот лигамент на средниот дел, но и на предниот вкрстен лигамент на коленото. Операцијата на коската помина добро, ја поставивме плочата“, изјави хирургот Андреа Панчери.

Популарната Феде испрати порака до фановите…

„Во најсреќниот момент од мојата кариера тоа навистина не беше потребно. Едвај го чекав следниот месец за да ги завршам моите последни обврски. Наместо тоа, се радувам на нов предизвик. Како и секогаш, ќе дадам се од себе“, напиша Брињоне. 

Италијанските медиуми пренесуваат дека Брињоне сега има долг период на опоравување. Ќе и требаат шест до осум месеци што значи дека Федерика ќе го пропушти целиот прв дел од подготовките за сезоната пред Зимските олимписки игри во Италија во 2026 година.

Се вчитува...