УЕФА до последно ќе тактизира околу организацијата на ЕВРО 2021 и конечната одлука дали да се остане на првичниот план за настап во 12 различни држави или промена во „пет до дванаесет“ и преселба на целокупниот шампионат во една земја. Пред неколку дена беше објавено дека Англија е фаворит за целосно да ја преземе организацијата, уште повеќе ако се земе во предвид забрзаниот процес на вакцинација (во обединетото кралство веќе се вакцинирани над 20 милиони лица), поради што властите најавуваат дека најдоцна до 17 мај ќе биде дадено зелено светло за враќање на публиката на стадионите.
Ова е значаен адут на Британците во обидот да стигнат до целосна организација на шампионатот, за што денеска говореше и Премиерот Борис Џонсон.
„Секако е предвидено завршницата да се игра кај нас. Ако сакаат и останатите средби да бидат овде, цело ЕВРО да се игра во Англија, ние сме подготвени“, порача Џонсон, потоа додавајќи дека Англија и Ирска ќе поднесат заедничка кандидатура за организација на СП 2030.
Македонија за првпат ќе биде дел од еден фудбалски европски шампионат во сениорска репрезентација. Според сегашниот план нашата репрезентација ќе треба да игра во Букурешт и во Амстердам, а јасно е дека евентуалната преселба на шампионатот во Англија поради визниот режим ќе претставува сериозен удар за македонските навивачи кои сакаат во живо да ги бодрат „црвено-жолтите“ на овој шампионат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА