Откако во понеделникот Светската антидопинг агенција (ВАДА) едногласно донесе препорака на руските спортисти да им се изрече четиригодишна суспензија од големите натпреварувања, се огласија и голем број меѓународни федерации, а сега стигна реакција и од Британскиот олимписки комитет. Претседателот на Олимпискиот комитет на Велика Британија, Хју Роберстон и првиот човек на Комисијата за спортисти Бен Хоус, повикаа на остри санкции против руските спортисти.
„Трети Олимписки игри по ред употребата на недозволени средства од страна на руските спортисти го уништува олимпиското движење. Олимпискиот комитет на Велика Британија поддржува максимална казна и сите можни санкции кои можат да им се изречат на руските спортисти во врска со учеството на ЛОИ во Токио. Во Пјонг-чанг во 2018 британските спортисти се натпреваруваа со руските кои добија само различна покана, тоа не смее да се повтори“, изјави Робертсон.
Првиот човек на Комисијата за спортисти при Олимпискиот комитет на Велика Британија, Бен Хаус вели дека Русија не научила ништо од претходните казни.
„Русија продолжи да ги уништува чистите спортисти ширум светот од можноста поштено да се натпреваруваат и да веруваат во систем кој е направен да ги штити. Повикуваме на сериозни санкции. Ако нашите спортисти се натпреваруваат против руските кои ќе бидат под неутрално знаме, ќе мора да има непобитен доказ дека тие спортисти се чисти и дека не се вмешани во било што, што ќе ја извалка честа на олимпизмот“, изјави Хоус.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА