Фудбалерите на Бриж приредија сензација во 1/16 финалето од Лигата на Шампионите успевајќи да ја елиминираат Аталанта, и тоа со две победи над калчолигашот од Бергамо. По првиот дуел и победата од 2-1 во Бриж, Белгијците денеска славеа и на Апенинскиот полуостров со 1-3, за заслужен пласман во следната фаза од елитното европско натпреварување.
Домаќините беа шокирани на самиот старт откако Талби одлично се снајде во 3. минута. Брижи доби на самодоверба па истиот фудбалер нешто подоцна зголеми и на 0-2, за тотален молк меѓу домашните фанови на стадионот во Бергамо.
Неверојатно беше судиското продолжение, во кое Аталанта имаше три стопроцентни шанси за дваесетина секунди (еден дирек и две интервенции на самата гол-линија), за потоа на спротивната страна Бриж да казни со прекрасен погодок на Јутгла од 25 метри.
Лукман влезе во игра на самиот старт од второто полувреме и со првиот допир со топката постигна гол за 1-3, но токму нигерискиот ас беше трагичар, промашувајќи пенал на триесетина минути до крајот. Ветеранот Мињоле го бранеше најдобриот меч во кариерата, покрај одбранетиот пенал имаше уште пет-шест феноменални интервенции, трасирајќи го патот на Бриж до осминафиналето од ЛШ.
Таму ќе се најде и Бенфика откако португалскиот тим вечерва по голема борба ремизираше со Монако (3-3) во Лисабон, пласирајќи се во следната фаза благодарение на гостинската победа од првиот меч. Бенфика прва поведе, но Монако направи пресврт, гостите имаа 1-2 и 2-3 во второто полувреме, но Кокчу беше херојот на Бенфика со гол во 84. минута, што ја одведе португалската екипа во следната фаза. Таму Бенфика ќе се сретне со еден од најдобрите два тима во лигашкиот дел, Ливерпул или Барселона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

