Македонија го заврши своето учество на СП 2023 освојувајќи го 27. место по вчерашниот триумф во разигрувањето со селекцијата на Јужна Кореја.
Нашата национална селекција не ја мина првата групна фаза по трите убедливи порази од Норвешка, Холандија и од Аргентина, а впечатокот беше барем за нијанса подобрен на Президент купот, со победите над Алжир, Мароко и Јужна Кореја, како и со поразот во израмнета игра и неизвесна битка против Тунис.
Причини за неуспехот има многу, а ако се забележат статистичките податоци можат да се извлечат неколку интересни податоци.
Најдобар стрелец на Македонија на овој мундијал е Филип Кузмановски со 37 погодоци од 54 обиди (69% успешност), пред Талески со 27, Манасков со 24 и Костески со 23 погодоци. Пивотот Костадин Петров пријатно изненади на натпреварите на кои доби шанса, постигнувајќи 11 гола без ниту едно промашување. Само за споредба, првиот пивот во националниот тим, Жарко Пешевски, го заврши настапот на ова СП со 19 погодоци од 24 упатени удари. На добро ниво во нападот одигра и младиот Стојковиќ, со 10 гола и само едно промашување на мундијалот.
Забележителна е катастрофалната реализација што македонските ракометари ја имаа од крилните позиции. Крилата најчесто реализираа беспрекорно од контранапади, но затоа целосно потфрлија од своите вообичаени позиции. Конкретно, Манасков од крило има 4/12, Гоце Георгиевски 2/7, Костески 5/10, а Атанасијевиќ 1/3. По еден гол од крилна позиција на ова СП постигнаа и Филип Кузмановски и Иван Џонов, но севкупната статистика е катастрофална, само 14 гола од вкупно 34 удари. Од промашувањата, 14 беа голмани одбрани, четири пати нашите ракометари го промашуваа целиот гол, а два пати ја погодија гредата.
Загубените топки беа сериозен проблем, Македонија имаше вкупно 86 на седумте одиграни средби. Најмногу од сите Филип Кузмановски со 20, пред Серафимов со 17 и Филип Талески со 14 грешки во нападот.
Кога се ќе се собере и одземе, факт е дека иако значително подмладена, оваа репрезентација имаше капацитет да покаже многу повеќе во Полска, од аспект на квалитет на терен, но и психолошка подготвеност и борбеност што е неопходна за едно големо натпреварување.
Најважно е да се седне и искрено да се извлечат поуки од сите недостатоци, да се прифатат грешките и да се работи на нивно отстранување, бидејќи за една година ќе следи нов настап на големо натпреварување, а тогаш изговорите за неискуство ќе бидат уште побесмислени…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА