Бројките не лажат: Ова е најслабиот Реал Мадрид во 21. век

Реал Мадрид претрпе уште еден пораз во Примера дивизион, губејќи со 3-1 на гостувањето против Реал Сосиедад и уште повеќе се продлабочи кризата што не успеа да ја запре ниту Зинедин Зидан со своето враќање на клупата на „кралскиот клуб“. Трката за титулата е одамна загубена, но бројките се премногу поразовачки и покажуваат дека овој тим на Реал Мадрид е најслабиот во 21. век, и тоа само една година откако „кралевите“ стигнаа до третата европска титула во низа.

Поразот во Сан Себастијан беше 11. на Реал Мадрид во „Ла Лига“ и вкупно 17-ти во сите натпреварувања сезонава, што е најголем број на порази на „кралскиот клуб“ уште од 1999 година. Барселона во моментов има 18 бода предност во однос на „кралевите“, на кои главен проблем им се гостувањата. Реал последен пат славеше надвор од Мадрид на 10 март, а серијата слаби резултати кулминираше со последните два порази од Рајо Валјекано и од Реал Сосиедад.

Тимот на Зидан влегува во последното коло со 25 помалку постигнати голови од Барселона (88-63) и очајна одбрана од 44 примени погодоци.

Причини за фијаското има многу, но Зинедин Зидан е свесен за една суштинска работа – ќе има само три месеци во текот на летото да ја „смени плочата“, да доведе врвни засилувања и со тоа да го врати и победничкиот дух во тимот. За Реал Мадрид повторно да заличи на најтрофеен европски клуб.

Се вчитува...