Бројни заминувања од Ренова: Велинов во Работнички, Шкендија по Селмани и Муслиу

Сериозен број фудбалери на Ренова ова лето се селат од тимот од Џепчиште, ако се суди по стартот на преодниот рок, но и по желбата на добар дел домашни прволигаши за ангажман на играчи од редовите на „гипсарите“.

Прв кој ја напушти Ренова е крилниот офанзивец Стојанче Велинов кој потпиша за Работнички. Вчера, пак, официјално нов тренер на Шкендија е промовиран токму досегашниот стратег на Ренова, Ќатип Османи, а со него најавено е повлекување на уште неколку фудбалери од Ренова во Шкендија.

Веќе е најавено дека во Шкендија се сели 20-годишниот офанзивец Ремзифаик Селмани, кој е желба на Османи, но и македонскиот младински репрезентативец Висар Муслиу кој исто така би можел да го облече црвено-црниот дрес. Сепак, Муслиу е во разговори и со шампионот Вардар. Согласно најавите од Тетово деновиве ќе биде дефинитивно познато каде Муслиу ќе ја продолжи својата кариера.

Шкендија во следната сезона планира настап во Првата лига со подмладени сили, со поголема укажана шанса и за играчите кои доаѓаат од сопствената школа. Тоа го најави и сопственикот Лазим Дестани кој потврди останување во Шкендија но со сериозни промени во менаџерските структури, и стратегија Шкендија во иднина да дава пред се шанса на помладите фудбалери.

Се вчитува...