Бројни „ѕвезди“ на пазарот за „нула евра“, летниот преоден рок ќе биде трансфер-лудило…

Веќе нема дилема, Пауло Дибала летово ќе ги смени клупските бои откако официјално пропаднаа преговорите за нов договор на аргентинскиот голгетер со Јувентус. Со тоа, дополнително се зголеми листата на фудбалски асови кои летово стануваат слободни играчи, па без никаква отштета ќе заминат во нови клубови.

На врвот на оваа листа дефинитивно се наоѓа Килијан Мбапе, француската суперѕвезда што си оди од ПСЖ, а повеќе од извесно е дека негова следна дестинација ќе биде Реал Мадрид.

За слободни трансфери се специјализираа и во Барселона, откако веќе го договорија Кристијансен од Челси, преддоговор е потпишан и со Кеси од Челси, а каталонскиот гигант е во завршна фаза од преговорите и со Азпиликуета (Челси) и Мазрауи (Ајакс). Барса има проблем да го задржи Усман Дембеле, кој е многу блиску до заминување, но тренерот Чави не се откажува од намерата во последен момент да го убеди Французинот да потпише нов договор со клубот.

Пол Погба ги одработува последните месеци од договорот со Манчестер Јунајтед, јасно е дека Французинот нема да остане на „Олд Трафорд“, а огромни се шансите на идентично сценарио како и пред неколку години, кога тој од Манчестер се пресели во Јувентус. „Старата дама“ е во завршни преговори и со Антонио Рудигер, чиј договор со Челси исто така истекува за неколку месеци. Од Јувентус покрај Дибала ќе си замине и Бернардески, а клубот се обидува да го задржи Квадрадо, со кого преговорите за нов договор се во завршна фаза.

Луис Суарез минатата сезона го предводеше Атлетико на патот до титулата, но Уругваецот сезонава дреме на клупата за резерви и јасно е дека летово ќе ги смени клупските бои. Лаказет ги игра последните натпревари за Арсенал откако „топчиите“ воопшто не му понудија нов договор, а на трансфер се подготвува и Андреа Белоти, кој како слободен играч ќе си замине од Торино.

Дивок Ориги е пред потпис со Милан откако Ливерпул реши да не ја активира клаузулата за нов договор и му овозможи на белгискиот голгетер да се пресели на „Сан Сиро“. Меѓу оние кои се во завршница од актуелниот договори се и Ди Марија (ПСЖ), Перишиќ (Интер), Марсело (Реал Мадрид), Халстенберг (Лајпциг), Ромањоли (Милан), Гинтер (Борусија М.), Витсел (Борусија Д.) … Ова дефинитивно ќе биде интересно лето на трансфер-пазарот, како ниедно досега…

Се вчитува...