Бронзата за Словенија, Хрватите загубија добиен меч

Словенија триумфираше во трилер натпревар против Хрватска со 31-30 и стигна до бронзата, прв медал за оваа репрезентација на големите ракометни натпреварувања. Успехот е уште поголем ако се знае дека Словенците беа на работ на амбисот, на дваесет минути до крајот имаа негатива од дури осум гола, но со фуриозен финиш направија целосен пресврт. Хрватите го завршуваат мундијалот како најголеми губитници, откако по шокантниот пораз во вчерашното полуфинале и денеска загубија добиен меч.

Словенија имаше три водства, од 1-0, 2-1 и 3-2, но тоа беше се што избраниците на Веселин Вујовиќ успеаја да сторат на овој натпревар. Стевановиќ влезе во ритам на голот на Хрватска, а беспрекорно функционираше и нападот на „коцкестите“ на оваа средба. Со серија од три гола Хрватите најпрвин поведоа со 5-3, а потоа како што одминуваше времето, така и нивната предност се зголемуваше. Словенија беше далеку од своите препознатливи изданија на овој мундијал, дефанзивната зона делуваше прениска за да ги запре хрватските шутери, а во нападот се правеа невообичаени грешки, дури и во ситуација кога се имаше играч повеќе на теренот.

Хрватска го заврши полувремето со предност од 18-13, а Словенците набрзина постигнаа два гола и барем за момент внесоа неизвесност. Сепак, повторно како проблем се покажа реализацијата со играч повеќе, па по исклучувањето на Муса не само што Словенија не се приближи дополнително, туку со почетнички грешки им овозможи на „коцкестите“ повторно да се оддалечат. По само десет минути игра во второто полувреме предноста на Хрватска веќе изнесуваше осум гола (24-16), со што се чинеше дека и прашањето на победникот е веќе решено.

Сепак, Словенија покажа карактер, па во следните десет минути ја преполови предноста на противникот (27-23), за со влегувањето на Лесјак на голот уште повеќе да добие на сигурност во одбраната, па на три и пол минути до крајот Хрватска имаше само еден гол предност (29-28), пред Жељко Бабиќ да побара тајмаут. Обидот за лоб на Хорват заврши во гредата, а на спротивната страна Цингесар реализираше уште еднаш од крило за израмнување на 29-29. Хрватска беше нокаутирана, а „пулените“ на Вујовиќ на една минута до крајот преку Мачковшек стигнаа и до четврто водство на мечот, овојпат со 31-30. Хрватите имаа цела минута за последниот напад, се обидоа и со „седум на шест“, но во немоќ Дувњак шутираше во блокот, за шокантна завршница и триумф на Словенија и прв медал на оваа селекција на големите натпреварувања.

Безјак, Цингесар и Маргуч со по четири гола беа најефикасни кај Словенија, но мора да се истакне дека дури 12 различни ракометари на оваа селекција се запишаа меѓу стрелците на вечерашниот дуел. Лука Циндриќ постигна седум, Штрлек шест гола за Хрватска, но тоа беше недоволно за да се стигне до бронза.

Се вчитува...