Македонија е на прагот да го претрпи и вториот пораз во низа на СП 2021 по слабото прво полувреме што нашите ракометари го играат против домаќинот Египет. „Фараоните“ имаат предност од преубедливи 20-6, со цврстата одбрана создавајќи им огромни проблеми на нашите ракометари, на спротивната страна полнејќи ја мрежата на Митревски и на Томовски. Дополнителен проблем за селекторот Брестовац е што Филип Кузмановски на средина од полувремето заработи црвен картон и нема да може да се врати на теренот до крајот на овој меч.
Натпреварот го започнавме со проблеми во одбраната, примајќи пет гола во почетните пет минути. Филип Кузмановски беше расположен во нападот, давајќи ги првите два гола за Македонија, еднаш прецизен беше и капитенот Лазаров, па резултатот гласеше 5-3 за Египет. Сепак, Хендави му одбрани зицер од цепелин на Кузмановски, по што „фараоните“ набрзина поведоа и со 7-3. Новиот голман на Еурофарм Пелистер продолжи со добри одбрани, создавајќи им проблеми на македонските ракометари при реализацијата на нападите.
И покрај апсолутната немоќ, селекторот Брестовац повторно задоцни со тајмаутот, земајќи го дури откако противникот поведе со 10-3. Томовски застана на голот на местото на Митревски, но немоќта во нападот беше алармантна, особенио по новиот шут на капитенот Лазаров високо над гредата. Долгиот пост без постигнат гол (девет мнути и 40 секунди) го прекинавме со погодокот на Пешевски во 16. минута, откако домаќините останаа со ракометар помалку на теренот. Заигравме подобро во одбраната, во ритам влезе и Лазаров, кој со два гола намали на 10-6.
И тогаш, огромен проблем, во 19. минута Филип Кузмановски доби црвен картон по старт врз главата на еден од египетските бекови. Повторно следеше период на слаба организација на нападите, згора на тоа исклучен беше и Талески, a фијаското продолжи до крајот на полувремето, кога од минута во минута грешевме, а противникот од контранапади до врв ни ја надполни мрежата, на одмор заминувајќи со преубедливи 20-6.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА