Бруно Фернандеш пред околу еден месец јавно ја критикуваше управата на Манчестер јунајтед за одредени одлуки донесени во изминатиот период, во кој „црвените ѓаволи“ беа далеку од борбата за трофеи во фудбалска Англија.
Договорот на Португалецот истекува во јуни 2027 година, па тие критики беа најавени како увертира за неговиот летен трансфер. Сепак, ситуацијата во меѓувреме се промени откако Мајкл Керик дојде на клупата, а Јунајтед за првпат по подолго време врза четири победи во Премиер-лигата.
Фернандеш сега многу посериозно ја разгледува опцијата за останување на „Олд Трафорд“, дури и за продолжување на договорот, но за тоа да се случи има еден клучен услов – Керик да остане на клупата и наредната сезона. Поранешниот фудбалер доби договор од управата само до крајот на сезонава, но Бруно како капитен, како и големо мнозинство од останатите играчи, сметаат дека Керик мора да остане ако се сака клубот конечно да тргне во вистински правец.
Наспроти шпекулациите дека Португалецот бара плата од 400.000 фунти за да остане, се чини дека Фернандеш сака да се бори за трофеи, па затоа го ставил изборот на тренер пред финансиите на листата на приоритети при преговорите за нов договор со Јунајтед.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

