Буасон е големото изненадување на Ролан Гарос

Домашната миленичка Лу Буасон е најпријатно изненадување на женскиот дел од Ролан Гарос откако Французинката со ново извонредно издание ја совлада Русинката Андреева со 2-0 во сетови, пласирајќи се во полуфиналето од овој гранслем турнир.

Буасон, која моментно се наоѓа на 361. место на ВТА-листата, во минатата рунда ја елиминираше Пегула, а сега и Андреева, со што стана првата Французинка по пауза од 20 години (по Мери Пирс во 2005) што успеала да слави над две тенисерки од Топ 10 на Ролан Гарос. Првиот сет денеска донесе израмнета битка, но француската тенисерка по голема битка славеше во тајбрејкот со 10-8.

Андреева потоа го отвори вториот сет со предност од 3-0, по што следеше фуриозен одговор на домашната тенисерка, која освои шест гејма во низа и го оствари најголемиот успех во својата кариера.

Нејзина противничка во полуфиналето ќе биде Коко Гоф, која триумфираше во американското четвртфинале на Кис со 2-1 во сетови. Кис го доби првиот сет во тајбрејк, но Гоф имаше одговор, ги освои следните два сета со 6-4, 6-1 и се пласираше меѓу најдобрите четири тенисерки на францускиот гранслем турнир.

Се вчитува...