Џанлуиџи Буфон денеска на прес-конференција објави дека на крајот од сезонава ќе си замине од Јувентус, а конечната одлука околу идниот ангажман ја одложи за неколку седмици. Искусниот голман говореше на различни теми, меѓу нив и за инцидентот во финишот од дуелот со Реал Мадрид и критиките што ги упати на адреса на судијата Мајкл Оливер.
Буфон реагираше неспортски при самата одлука на Оливер да досуди пенал, а потоа со изјави за медиумите го масакрираше Британецот, за што против него беше покрената и истрага од УЕФА за „прекршување на основните принципи на однесување“.
„Се уште не можам да разберам зошто судијата ме исклучи бидејќи немав физички контакт, туку само вербално реагирав на неговата одлука. Неколку дена подоцна изјавив дека ми е жал, знам дека ја минав границата. Многу ми е жал бидејќи 23 години играв во ЛШ, никогаш не бев исклучен ниту суспендиран, секогаш спортски се однесував кон сите. Тоа беше специфична ситуација, полудев и кажав најразлични работи за судијата. Сега ми е жал бидејќи сепак станува збор за човек што треба да врши тешка работа. Ако го видев два дена подоцна, сигурно ќе го гушнев и ќе му се извинев, но и тој требаше да биде посмирен на еден така важен натпревар“ – изјави Буфон.
Дисциплинската комисија при УЕФА ќе го разгледува случајот на голманот на Јувентус на 31 мај, по што ќе биде донесена одлука за висината на казната што ќе му биде изречена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА