Буфон како во најдобрите денови – На 43 години добива понуди од сите страни

Иако наполни 43 години, легендарниот голман Џанлуиџи Буфон не планира да ја заврши кариерата. Џиџи веќе објави дека го напушта Јувентус, но ќе остане активен уште некое време, а единствено прашање е каде ќе ја продолжи кариерата.

Постојат голем број на клубови кои сакаат да потпишат договор за соработка со Буфон. Како можна опција се споменува враќање во Парма каде што сè започна, но тој тим испадна во Серија Б, па останува да се види каква одлука ќе донесе Буфон за тим од овој ранг. Заинтересирана е и Монца, која се избори за место во Серија А. Овој тим е предводен од Силвио Берлускони и Адријано Галијани, а Буфон доби смс порака од Галијани веднаш штом објави заминување од Јувентус. Покрај екипите од Серија Б, има клубови и во други земји кои го сакаат Буфон, како што се Олимпијакос, Порто и Галатасарај.

“Мојата иднина е јасна и дефинирана. Ова убаво и долгогодишно искуство со Јувентус завршува ова лето. Ако има понуда што ме мотивира и ќе ми даде ново искуство, тогаш ќе размислувам за тоа и нема да ја завршам кариерата, но сè уште немам ништо договорено. Се чувствувам како дадов се што имав на Јувентус. Добив повеќе од клубот отколку што можев да посакам и ова е едноставно максимумот меѓу нас. Дојдовме до крајот на рундата и ова е вистинската одлука за доброто на двете страни“ изјави Буфон.

Буфон порасна во дресот на Парма за кој дебитираше во 1994 година. По седум одлични сезони во овој клуб, тој потпиша за Јувентус. „Старата дама“ знаеше за каков голман станува збор и пред 20 години издвоија рекордни 53 милиони евра за Џиџи.

Буфон досега во својата кариера има одиграно 683 натпревари за Јувентус, додека за Парма одбрани 220 натпревари. Што се однесува до сезоната во ПСЖ, тој таму запиша 25 настапи.

Се вчитува...