Јувентус утревечер ќе ја пречека Барселона во Торино во рамките на првиот четвртфинален меч од Лигата на шампионите. Капитенот Џанлуиџи Буфон вели дека шпанскиот тим е навистина силен, но и составот на Јувентус има поголемо искуство од елитното европско натпреварување. Но, откри и една семејна тајна, дека неговите синови ги обожуваат утрешните ривали, Лионел Меси и Нејмар.
„Моите синови го обожуваат Меси и Нејмар, и тука нема ништо спорно. Знаат децата што е добро! Но, Јувентус нема да биде во подредена улога на овој четвртфинален двомеч против Барселона. Тие се одличен тим, но и ние имаме поголемо искуство во ЛШ“, изјави Џанлуиџи Буфон.
Потоа одговори и дали стравува од Лео Меси…
„Меси? Имаме играно неколку натпревари, јас и тој, од спротивни страни. И јас секогаш сум имал пред себе одлична одбрана. Така ќе биде и утревечер, а и на реваншот на „Камп Ноу“. Ќе се снајдеме и јас и мојот тим, иако навистина е Барселона тим за респект. Имаат убиствено трио во нападот, но имаме и ние. Да ве потсетам, Игуаин – Дибала – Манџукиќ“, дополни легендарниот голман на Јувентус.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА