Џанлуиџи Буфон си замина од ПСЖ, но неговиот агент јасно стави до знаење дека италијанскиот ветеран нема намера да ја заврши кариерата. А како што стојат работите и следниот клуб на Буфон ќе биде европски гигант, откако беше обелоденето дека Барселона се наоѓа пред потпис со долгогодишниот капитен на Јувентус и на италијанската репрезентација.
Барса летово дефинитивно ќе го продаде Силесен, а Буфон е идеална опција за резерва на Тер Штеген. Ветеранот дури и ја прифатил оваа улога, свесен дека по низата грешки во ПСЖ веќе не може да очекува улога на стартер во клуб со сериозни амбиции. Платата ќе му биде многу пониска од оние осум милиони евра годишно што ги земаше во Париз, се со цел италијанскиот ветеран уште еднаш да се обиде да си го оствари големиот сон – да го крене пехарот во Лигата на шампионите.
Барселона во последните две години беше елиминирана од Рома и од Ливерпул по катастрофалните изданија на реваншите на гостински терен, поради што каталонскиот гигант најавува сериозни засилувања за тимот да се врати и на тронот на европскиот фудбал. Веќе е потпишан Де Јонг од Ајакс, се финишираат и преговорите за неговиот тимски соиграчи Де Лихт, а Барса дефинитивно ќе потпише и голгетер од највисока класа, Гризман или Нејмар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА