Капитенот на Јувентус, Џанлуиџи Буфон, се појави пред новинарите во Кардиф, во пресрет на утрешното големо финале од Лигата на шампионите. Големиот Џиџи дојде на чекор до исполнување на сонот, и вели дека немал ноќни мори деновиве, дека си спиел мирно.
„Не, не, не ги сонував ниту Роналдо, ниту Бензема. Си спиев мирно. Премногу искуство има во мене за така да се однесувам, па дури и во пресрет на финалниот меч од ЛШ, трофеј што се уште не сум го освоил во кариерата и бескрајно многу го посакувам. Но, исто така посакувам моите соиграчи да бидат наградени со пехарот, затоа што го заслужија со игрите во текот на целата сезона. Секако, го имаме пред себе актуелниот првак Реал Мадрид. Го освоија трофејот лани речиси во истиот состав, тие знаат како да го сторат тоа. Но, верувам дека ќе бидеме подобри и дека на крајот ќе славиме“, истакна Џанлуиџи Буфон, кој би можел да стане највозрасниот освојувач во ЛШ.
Тренерот на „старата дама“, Масимилијано Алегри, вели дека финалето ќе го решаваат мали нијанси, а неговиот тим е подготвен за предизвикот.
„Можам да кажам дека од првиот тренинг од оваа сезона, која доаѓа на самиот крај, имавме највисоки амбиции. Потајно посакувавме да игравме во големото финале и минавме долг и тежок пат за да стигнеме до Кардиф. Сега сме тука, на 90 или 120 минути од трофејот, но се уште е бескрајно далеку. Реал Мадрид е една од најдобрите европски екипи, актуелни европски шампиони се, но знам дека и моите момци имаат таков квалитет и можат да го кренат пехарот. Ќе сториме се за да го грабнеме пехарот и да побегнеме за Италија“, на крајот и се пошегува Алегри.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА