Буфон со нова цел: Сакам да бидам фудбалер кој одиграл пола век на фудбалските терени

Италијанската фудбалска легенда Џиџи Буфон, соиграчот на македонскиот калчо-ас Горан Пандев во Парма, нема намера да оди во пензија, па дури си поставува цел да биде дел од италијанската репрезентација за следното Светско првенство во 2026 година во САД, Мексико и Канада.

Буфон веќе е длабоко навлезен во петата деценија, има 44 години, но тоа не го спречува да брани извонредно, а неговата цел е да игра професионален фудбал до својата 50-та година!

„Јас нема да се изненадам, а никој не треба да биде изненаден ако бранам до 48-49-50 години. Мајкл Џордан не отфрлаше можност да игра до 50, зошто би отфрлил јас. На крајот на денот, теренот е тој каде што сѐ се покажува и се гледа. Вистината е дека јас продолжувам и траам зашто правам некои работи кои другите не ги прават“, изјави Буфон.

Легендарниот голман не ја крие желбата да биде дел од Италија за СП во Катар годинава, ама прво „аѕурите“ ќе треба да го минат мундијалскиот бараж во кој прва пречка е Македонија во полуфиналето, а потоа евентуално Португалија или Турција во финалето од плејофот.

„Ако Италија не се пласира на СП во Катар, тогаш може(би) ќе играм на следниот Мундијал (СП 2026)“, потенцираше Буфон.

Се вчитува...