Легендата на италијанскиот фудбал и на Јувентус, Џанлуиџи Буфон, ја коментираше одлуката на тимот од Торино да не го продолжи договорот со Пауло Дибала. Договорот на 28-годишниот напаѓач истекува ова лето, и тој ќе си бара нова средина откако дефинитивно беа прекинати преговорите за продолжување на соработката.
Буфон смета дека Јувентус не го продолжува договорот поради тоа што не се вклопува во проектот, а не поради тоа што не е квалитетен играч.
„Не го очекував ова, но клубот беше искрен и отворен. Договорот не беше обновен поради тоа што не се вклопува во проектот, а не дека не е добар играч. Допрва ќе постигне многу, но не значи дека Јувентус ќе направи грешка ако го пушти“, рече Буфон.
Дибала беше поврзуван со Атлетико Мадрид и со Барселона, но во последно време се зголемија шансите тој да остане во Италија, каде во трка за потпис со Аргентинецот се градските ривали Интер и Милан.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА