Бугарски Левски вчера допатува во Скопје за вечерашната прва пресметка од 2. квалификациско коло во УЕФА Конференциската лига против Шкупи.
Бугарите допатуваа во Скопје, со мал фокус на фудбалскиот дел од пресметката, а поголема концентрација насочена кон „жалбите“ за лошиот терен на арената „Тодор Проески“ во Скопје и условите кои владеат на нашиот најголем стадион. Сето тоа зачудувачки ако се знае дека и токму стадионите во Софија не задоволуваат некои посебни европски критериуми, поради што и националниот тим на Бугарија своите домашни натпревари главно ги игра на стадионот на Лудогорец во Разград.
Но, затоа пак во таборот на Шкупи, не осврнувајќи се на сето тоа, се максимално фокусирани единствено на желбата фудбалски вечерва да одговорат на противниците иако е јасно дека ги чека далеку потежок противник од оној во првото коло. Тренерот на Шкупи, Чихат Арслан вели дека тимот го чека силен противник кој има и недостатоци кои ќе мора да бидат искористени ако се сака позитивен резултат пред реваншот.
„Не се плашиме од ниту еден ривал но јасно е дека Левски е многу подобар тим од Хегелман. Имаат млада екипа, со просек од 23 години, па мора да ги почитуваме. Нивниот голман има 18 години, а веќе вреди милионипол евра. Динамична екипа се која игра во висок ритам Тактиката се менува од меч па меч, па ќе се прилагодиме на следниот ривал како што треба. Се работи за многу посериозна екипа која со години игра во Европа и има успех. Бугарскиот тим има многу квалитетни играчи кои ќе мора да ги затвориме, а ги знаеме и нивните слаби точки. Секако целта е да се избориме за позитивен резултат, иако неблагодарно е да прогнозираме. Нашиот тим сака да игра фудбал на терен и така ќе биде и утре. Со победа на утрешниот дуел мислам можеме да достигнеме историски успех и продолжување на европското лето. Ги повикам навивачите да не поддржат, затоа што тие се наша најголема сила“ – вели Арслан.
И од бугарскиот табор се претпазливи пред утрешниот меч, но веруваат во своите квалитети дека може да дојдат до поволен резултат.
„Многу работи видовме за Шкупи, ги анализиравме во последните два меча. Одиме на победа и јас верувам во моите играчи, а тие се трудат да го дадат најдоброто од себе. Тоа што ќе имаме поддршка од нашите навивачи е дополнителна мотивација за фудбалерите“ – вели тренерот на Левски, Николај Костов.
Натпреварот меѓу Шкупи и Левски се игра вечерва од 21 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА