Младата репрезентација на Македонија со убедлива победа од 5-1 против Бугарија ги заврши настапите на силниот меѓународен турнир „Анталија Куп 2021“ во Турција.
Избраниците на Благоја Милевски низ повеќе од доминантна игра во текот на сите 90 минути сосема заслужено стигнаа до убедлив триумф, како награда и за претходните две квалитетни изданија низ кои не се успеа да се дојде до победата.
Македонија уште во првото полувреме си ја најави победата со погодоците во 10. и во 30. минута.
Откако Бугарите успеаја да ублажат на 2-1 во 50. минута, до крајот следеа уште три погодоци во 58., 76. и 80. минута за конечен триумф од 5-1. Два погодоци за Македонија постигна Методија Максимов од Работнички, а по еден запишааа Марио Илиевски, Арби Воша и Берат Калкан.
Македонските надежи претходно пропуштија триумф и против Словачка, одигрувајќи 2-2 по примен автогол во 89. минута, а единствено загубија со 1-2 од Казахстан во првиот натпревар во Анталија. Трите натпревари, на крај, завршувајќи ги со осум постигнати и пет примени погодоци. Интересно, Македонија единствениот пораз на турнирот го доживеа од Казахстан, кој пак загуби од Бугарија со 1-3.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА