Бугарските медиуми повеќе окупирани со „војната“ меѓу Бербатов и Михаилов отколку со репрезентацијата: Додека Македонија фудбалски напредува, Бугарија назадува!

ЕКИПА во Разград, Бугарија
Владимир Булатовиќ

Наспроти стартот на новата сезона од Лига Ц во Лигата на нации и првиот натпревар на Бугарија која во четврток (2. јуни) од 18 часот во Разград ја пречекува Македонија, бугарските медиуми и деновиве далеку повеќе се занимаваат со превирањата во Бугарскиот фудбалски сојуз отколку со својот национален тим.

Многу малку простор во бугарските медиуми се издвојува за активностите на бугарската репрезентација во очекување на првиот натпревар од Лигата на нациите, а фокусот е насочен кон легендарниот Димитар Бербатов кој е кандидат за нов претседател на Бугарскиот фудбалски сојуз.

Поранешниот напаѓач на Манчестер јунајтед деновиве го прозива првиот човек на Бугарскиот фудбалски сојуз Борислав Михаилов, повикувајќи ги ФИФА и УЕФА да покренат истрага за неговите интензивни дружби со скандалозниот Сингапурец Ден Тан, вклучен во бројни афери за меѓународни местења на фудбалски натпревари.

„Една фотографија кажува повеќе од илјада зборови, една фотографија која докажува дека претседателот на Бугарскиот фудбалски сојуз слави во Сингапур со газдата на црното светско обложување, неколку дена пред тој лично да потпише договор со компанијата под контрола на Ден Тан. Го организираат мечот Бугарија – Естонија (2-2 со четири пенали), кој ФИФА го поништи и призна дека е организиран само за добивка од обложување, а не од спортски причини. Фотографија и договор направени за неколку дена! Со оглед на тоа што тогаш се тврдеше дека предлогот од оваа компанија бил речиси случаен и не било јасно кој и што стои зад него! Сето тоа со сета искреност, без да се провери посредникот, кој не беше пријавен како агент за натпревари на ФИФА, што тогаш беше задолжително. Незнаење, незнаење или НЕШТО ДРУГО? Нека кажат истражните органи, ФИФА и УЕФА“ – објави Бербатов а пренесено од бугарските медиуми.

Овде во Бугарија очекуваат Бербатов да биде идниот прв човек на Бугарскиот сојуз, со оглед на огромното незадоволство поради енормниот пад на бугарскиот фудбал последниве години. Се спомнуваат и релациите на Бербатов со бугарскиот премиер Кирил Петков како еден вид патоказ и кон преземањето на водечката функција во Бугарскиот фудбалски сојуз.

„Во овие последни пет-шест години низ кои Македонија значително фудбалски напредуваше, Бугарија во истиот период значително назадуваше на светската фудбалска карта. Затоа е и незадоволството од бугарските фудбалски легенди. Желбата е сега да се освои првото место во групата од Лигата на нации за барем малку бугарскиот репрезентативен фудбал да добиел импулс за во иднина“ – ни коментираат дел од колегите од бугарските медиуми пред дуелот со Македонија во Разград.

Се вчитува...