БУКУРЕШКИ БЕЛЕШКИ (2): Европа веќе ја заборавила 1913 година, ама ние паметиме – сега ќе им вратиме!

  • Од белешките на ЕКИПА од дебитантското учество на ЕВРО – втор ден…

Откако бојата на дресот си ја вративме, на Омер Буњаку да биде водач на навивачи не му дозволивме, на Премиерот да ги испрати фудбалерите му дозволивме, сите можни од светот дека ќе навиваат за Македонија – ги ставивме и на крај на Грците им кажавме дека името на ФФМ не го менуваме…, е сега конечно, среќни и задоволни, и на оние што ни овозможија да се занимаваме со сето ова – фудбалерите, да им се посветиме!

Додека од светот сите овие години ни доаѓаат пораките колку во суштина фудбалот е обединувачки момент, а за сето тоа потврда беа и вчерашните случувања во Копенхаген кога буквално секој поединец од земјината топка се обедини во желбата само за живот, ние упорно единствено ги негуваме „минорностите“ кои единствено делат место да обединуваат. Но, јасно е дека мора да го изодиме и тој пат. Само што среќа сето тоа што и е најневажно во случајот на нашето историско европско го оставивме во Скопје. Погледнувајќи ги сите оние македонски навивачи кои синоќа го „окупираа“ центарот на Букурешт јасно е дека фудбалот победува!

Што би рекол еден мој добар пријател – „Македонците не се освојувачи – ние сме само за песна“. Па, добро, и не треба да се освојувачи. Македонците се добронамерни. А, добронамерноста, во суштина, секогаш освојува, ако знаеш да ја искористиш. Добар дел момци Македонци, ете на пример, синоќа, како што можев да забележам, освојуваа по домашниот понежен пол во Романија. Столе Стоилов и Гоце Христов, пак, уште еднаш ги освоија срцата на македонскита фанови со непосредноста и заедничката дружба. А, фудбалерите чекаме вечерва на националната арена во Букурешт со фудбалска умешност да ја освојат Европа.

„Дојдов тука во Букурешт да им покажам на фудбалерите како се прославуваат вистински европски победи. Не знаат, првпат им е… ама еве ќе научат“ – низ смеа коментираше миленикот на македонската „Фаланга“, Стојанче Стоилов додека течеа фештите по националните локали во Букурешт, сега декорирани во боите на Македонија.

И додека Букурешт во ноќта живееше со македонската песна, фудбалерите на првиот спрат затворени во „Гранд Мериот“ со финална концентрација за тоа што ги очекува денеска. „На пат, после 100 години, да го променат Букурешкиот договор“ – што ќе рече еден од навивачите присутни во пабот „Гинис“ во центарот на главниот град на Романија, кој некако се наметна како македонска навивачка база.

„Абе Европа не ни знае за таа 1913 година и Букурешкиот договор, а и тие што знаат веќе заборавиле“ – ќе му дофрли компањонот со кого заедно допатувале од Битола.

„Абе, Европа може и заборавила, ама ние паметиме – сега ќе им вратиме среде Букурешт!“ – не попушта попатриотски настроеното пријателче и во секунда се вклучува на групата: „Излези момче право на тереса…“

Како и да е, и двајцата, на крајот онака во прегратка со заеднички заклучок:

Целта се постигнува со достоинство. Најубаво е секогаш и на секого онака достоинствено да им покажеме кои сме и што сме, фудбалски. На крајот на краиштата, не играме ние за Европа. Репрезентативците ќе играат за себе, за семејствата, и за радоста на цела Македонија. Затоа што СРЕЌАТА ДОАЃА САМО ТОГАШ КОГА ЌЕ НАУЧИМЕ ДА ЖИВЕЕМЕ УБАВО ВО СОПСТВЕНАТА КОЖА, А НЕ ВО ТУЃИТЕ ОЧИ! А, Европа, една фудбалски позитивна Македонија на терен, секако сама ќе си ја примети. 

Затоа што Македонецот, сепак, е добронамерен. И тука е заедно со репрезентативците да го доживее моментот – ЕВРО 2020, иако, што и да се случи вечерва, никогаш нема да ја дознаеме вистинска вредност на моментот, се додека не стане сеќавање!

БУКУРЕШКИ БЕЛЕШКИ (1)

Се вчитува...