БУКУРЕШКИ БЕЛЕШКИ (3): Морници…, за нас ‘обичните смртници’. Може да замислиме само како им било на фудбалерите

  • Од белешките на ЕКИПА од дебитантското учество на ЕВРО – трет ден…

Утрово една од првите пораки кои ги добив, ден по вчерашниот пораз од Австрија, беше на спортскиот уредник на лондонски „Гардијан“, Маркус Кристенсон, со кого од поодамна соработуваме, секако на темата фудбал во Македонија.

Маркус беше пресреќен уште кога обезбедивме учество на Европското првенство 2020, но денеска во тие неколку зборови порака му се прочита восхит.

„Вие сте вистинско освежување. Не можам да верувам колку во оние слики од трибините во Букурешт видов страст. Убаво, ви честитам. Тоа е убавината на спортот“ – напиша кратко Маркус, и да бидам искрен го ублажи во извесна мера револтот поради пропуштената убава можност и за позитивен резултат на дебито на ЕВРО-шампионатите.

На крајот сепак, се чини, некако победуваме. Победуваат сите оние кои допатуваа од Македонија. Беше повеќе од гордост да се биде на трибините на националната арена во Букурешт. Беше повеќе од убаво да се почувствува припадноста, единството, заедништвото и присуството на бројни општествено-политички и јавни личности, стопанственици и уметници од различни нации, вери. На трибините, покрај плејада поранешни и актуелни македонски фудбалери, и претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов во друштво на поранешниот кошаркарски репрезентативец Ѓорѓе Војновиќ, претседателот на Хокеарската федерација на Македонија, Никола Тасев, незаменливиот Стојанче Стоилов, одбојкарски и ракометни работници. Се во насока на каузата – спортот како демонстрација на моќта на својата земја.

„Морници ми поминуваат и денеска кога ќе се сетам на моментите на изведувањето на химната, и целиот оној амбиент од трибините потоа“ – ќе рече еден од македонските фанови кои денеска повторно царуваат во Букурешт, несвесен дека ги опишува и моите чувства. Кога ние, никој и ништо со придонесот на патот до местото на ЕП, го носиме тоа нешто, си викам па како им било на фудбалерите.

Затоа ми е жал што не успеаја на крај да ја заокружат радоста и резултатски. Ми е жал за нервозата по мечот на секогаш беспрекорниот Џани и разочараноста кај сите репрезентативци.

Во комуникацијата со Маркус, не можев а да не го прашам и, оставајќи ги трибините на страна, што мисли и околу фудбалскиот наш изглед на терен…

„Има простор за корекции. Навидум блиску до позитивен резултат, а сепак далеку. Но, добро е што фудбалот дава и втора шанса“ – повторно краток Маркус, но се чини повеќе од доволно да го опише нашиот пораз.

Украина е наша втора шанса. На нас е дали ќе ја искористиме.

Се вчитува...