- Од белешките на ЕКИПА од дебитантското учество на ЕВРО – петти ден…
Во Букурешт уште врне… Од првиот ден, па секој ден. Секое попладне потоп.
На Европското првенство ако судите климатски тогаш како да сте во Лондон, ако судите организациски – нема промашување, јасно ви е дека сте останале на Балканот. Романците се обидуваат сето тоа да изгледа светски, ама залудно… На крај, сепак, се е некако само Источен-Балкан. Домаќините, се чини, како се уште да се на генерална проба за Европско првенство. Па ниту безбедносниот систем им функционира соодветно, ниту системите за проверка на акредитациската ‘исправност’, ниту условите за работа на медиумите, ниту, пак, на крај и може да се разберете со персоналот за опслужување и редарите, затоа што едвај и да знаат некој светски јазик.
Посебна приказна се Ковид-протоколите, кои единствено повторно важат само за припадниците на медиумите. Во центарот на Букурешт се лудува како што се сака, а УЕФА замижува на тие снимки за да не се доведе самата себе во апсурдна ситуација поради глумењето строгост само за време на натпреварите. На трибините, пак, 15.000 навивачи се без маска и останати мерки за здравствена заштита, но затоа пак новинарите се тестираат постојано, принудени да се придржуваат и на тоа што треба, и на тоа што не треба. Па, му доаѓа некако дека припадниците на медиумите се најголемата опасност за ширење на коронавирусот. Како и да е, гледајќи го сето тоа изминативе денови се чини дека не ти бил дождот главната причина за организациските недостатоци.
Но, да не испадне дека се жалиме. Јасна ни е онаа: Песимистот се жали на ветрот, оптимистот очекува да се промени а реалистот ги прилагодува едрата. Ние не можеме да бидеме оптимисти дека нешто ќе се промени, па едноставно си ги прилагодуваме едрата.
И додека акредитираните спортски новинари овде во Букурешт ги прилагодуваат едрата, само и само во заштита на институцијата-репрезентација и спортскиот успех, некои неакредитирани новинари од политичко-информативни редакции кршат протоколи со директен пробив во „балонот“ на репрезентативците. Секако, сето тоа некој го дозволува од репрезентацијата…, а на штета на репрезентацијата. Затоа што, пак, УЕФА сигурно не го дозволува.
Во секој случај, сега мислиме само на Украина, во денот кој секако заврши со уште едно чувство на гордост по концертот на еден од најголемите македонски уметници – наши современици, Симон Трпчески среде Букурешт.
Несомнено, убаво е да си Македонец деновиве во романската метропола. Без разлика што во Букурешт уште врне….
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА