Булатовиќ со „хет-трик“ го „спакува“ Работнички кон Втората лига (ВИДЕО)

Екипата на Пелистер освои значајни бодови во битката за опстанок против Работнички, кој тоне се подлабоко и се поизвесно е дека идната сезона ќе ја мине  во второлигашката конкуренција. „Романтичарите“ попладнево на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола, немаа решение за Лука Булатовиќ кој постигна хет-трик во победата на Пелистер од 4-1, а нивната одбрана се покажа како многу ранлива, со оглед дека Пелистер на крајот можеше да стигне и до поубедлив триумф.

Првиот гол Булатовиќ го постигна по акција од левата страна, и додавање на Марјан Ристовски во 16. минута од средбата. Од прва шутираше и го совлада гостинскиот голман. Пелистер имаше уште една прилика, но Попзлатанов реагираше од самата гол линија. Во 34. минута истиот играч со прекрасен гол зголемува на 2-0. Од десната страна го лобуваше голманот Ондоа.

И кога се чинеше дека Пелистер ја има контролата, едно невнимание и досуден пенал за Работнички, за Демири да намали на 2-1.

Сепак, во 49. минута од средбата, по една нафрлена топка и удар со волеј на Булатовиќ, играчот на Пелистер го комплетираше својот „хет-трик“, и во голема мера решавајќи го победникот на овој дуел.

Србијанац имаше можност во 63. минута за четврти гол за Пелистер, но неговиот удар заврши само крај голот. Езеб можеше да го врати Работнички во „живот“ со две убави шанси, но не успеа да материјализира во 79, и во 80. минута од средбата.

На крајот во последните секунди Керими ги постави конечни 4-1 откако одлично се проби по левата страна и го совлада Ондоа.

Standings provided by Sofascore

 

Се вчитува...