Трендот во македонската кошарка секоја година да има Вонредно Собрание за смена на претседател ќе продолжи и годинава, откако веќе е покрената иницијативата за смена на Перо Антиќ. МЗТ Скопје денеска со ново соопштение повторно жестоко го нападна првиот човек на федерацијата, но за да не биде се само обично „препукување преку медиуми“, веќе е стартувана и кампањата за нови претседателски избори.
Јасно е од која страна ќе биде МЗТ Скопје, исто како што е јасно дека „грбот“ на Антиќ ќе му го чува Работнички. Со таа разлика што – сега во позадина ќе го нема влијанието на Даниел Димевски, Советникот за Спорт кој одигра исклучително важна улога кога Антиќ успеа да дојде на претседателската функција.
Трката по гласови е веќе почната, а иницијаторите за промени најпрвин бркаат потписи за свикување на Вонредно Собрание, на кое единствена точка би била смената на актуелното раководство. Неофицијално, овие 12 потписи ќе бидат собрани во најскоро време, по што иницијативата ќе биде поднесена до „куќата на кошарката“, се со цел ова Вонредно Собрание да се одржи пред парламентарните избори кои ќе се случат во текот на летово.
Во Статутот на федерацијата постои член дека до нови „избори“ не може да дојде во првите две години по изборот, нешто што успеа да го протне екс-претседателот Петар Наумоски, но иницијаторите за смена се убедени дека тој член не го добил потребното мнозинство за промена на Статут, па според тоа е невалиден.
Едно е јасно, Антиќ нема намера да си замине без борба, па и во следниот период ќе бидеме сведоци на бројни критики, навреди и препукувања од двете страни. Ништо ново од мак-баскетот, спортот што не толку одамна беше број 1 во нашата држава.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА