Поразот од Манчестер сити беше доволен за повторно да придвижи бран од незадоволство во таборот на Манчестер јунајтед. Овојпат критиките не се насочени директно кон Жозе Мурињо туку кон Немања Матиќ, кој сезонава игра во многу слаба форма. Весникот „Тајмс“ тврди дека неколку фудбалери на „црвените ѓаволи“ веќе имале и отворен разговор на оваа тема со Мурињо, гласно прашувајќи зошто Матиќ упорно добива шанса во првиот тим кога не е во топ-форма.
Бразилецот Фред често е ротиран во првиот тим, Мурињо во неколку наврати јавно го критикуваше Погба, додека Андер Ерера речиси и да не добива шанса како стартер.
Јасно е дека Матиќ е миленик на Португалецот, кој инсистираше на негов трансфер од Челси, но за разлика од минатата сезона кога Србинот беше еден од најдобрите играчи на секој натпревар, тој во последните месеци е предалеку од посакуваниот ритам. Впрочем, Матиќ беше директен виновник за третиот гол на Манчестер сити што го постигна Гундоган, кој му побегна зад грб на српскиот интернационалец, по што осамен ја прими топката во шеснаесетникот и го матираше Де Хеа.
Останува да се види како Мурињо ќе одговори на овој бунт, дали ќе продолжи да му укажува максималната доверба на Матиќ, или пак ќе го седне својот миленик на клупата за резерви.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА