ЕКИПА од Келн,
Катерина Павлова Николовска
Финалето меѓу Вардар и Веспрем е специфично по многу нешта. Вардар дефинитивно е изненaдувањето за ракометна Европа сезонава, не заради тоа што играчите немаат капацитет, туку поради ситуацијата во која се наоѓаат. Играчите на македонскиот првак во Келн го донесоа бремето на проблемите со кои се борат цела сезона, но го донесоа и инаетот, пркосот, пријателството, братската пожртвуваност, викањето и пцуењето во соблекувалната.
„Го победивме најдобриот тим во светот, сега Веспрем треба да мисли за нас. Тие имаат поголем ростер, но ова е еден натпревар, заморот не е алиби. Ние сме победници, имаме таков менталитет. Секој од нас сака да победи и во помали работи, а не пак на Ф4 во Келн. Овие момци се херои, жал ми е што немаме поголем збор во нашиот речник“ – вели капитенот на Вардар, Столе Стоилов.
Веспрем пак е во суперформа, со добра сезона и со желба конечно да ја прекине клетвата на финалињата во Лигата на шампионите и во четвртото да биде успешен. Веспрем губеше во трите претходни финални пресметки во 2002 година од Магдебург, во 2015 година од Барселона и во 2016 од Киелце.
Вардар во дуелите од Лигата на шампионите има само една победа над Веспрем, онаа од септември минатата година по која беше заменет Љубомир Врањеш со Давид Дејвис.
И начинот на кој дојдоа до финалето ја отсликува комплетната спотивност на духот што го носат Вардар и Веспрем. Унгарскиот тим беше многу посигурен во дуелот со Киелце, додека Вардар со спектакуларен пресврт против Барселона за само едно полувреме направи суперсензација.
Најголемиот дел од играчите на Вардар заедно со тренерот Парондо заминуваат од клубот по крајот на сеозната, кај Веспрем пак две легенди Ласло Наѓ и Момир Илиќ ги завршуваат кариерите.
„Кога ги гледав како тренираа, како си ја вршат работата, понекогаш се чувствував посрамено. Овие двајца играчи се пример за тоа како се станува голем ракометар“ – вели емотивно ѕвездата на полуфиналната победа на Веспрем, Петар Ненадиќ.
Вардар во три сезони е во обид да дојде до втората титула и со тоа да влезе во редот на великаните, Барселона (2011, 2015) и Кил (2010, 2012).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

