Јубилејната 1.000-та трка во историјата на Формула 1 би можела да донесе голем судир во таборот на Ферари. Трката за ГН на Кина триумфално ја завршија од Мерцедес со „еден-два“ победа на Луис Хамилтон и Валтери Ботас. А, последното место на подиумот му припадна на членот на Ферари, Себастијан Фетел кој до тој пласман дојде со помош на тимот.
Вториот возач на Ферари, Шарл Леклер беше во предност, но потоа доби наредба да го пропушти Германецот.
„Ова е се навистина конфузно… Мора да постои добра причина. Ќе мора да ја разберам пошироката слика во врска со се што се случи. Сакам да ги слушнам сите објаснувања за да сега не кажам нешто непримерно против тимот“ – истакна видно лут Леклер по крајот на трката.
Себастијан Фетел, пак, истакна дека чувствувал дека може да оди побрзо од тимскиот колега но му било тешко да фати ритам.
„Мислам дека тоа беше коректно. Се надевав дека Шарл ќе заврши позиција зад мене, но на крај заврши петти“ – рече Фетел, кој на ваков начин го прескокна Леклер во генералниот пласман и сега е четврти со 37 бода, додека младиот возач од Монако има бод помалку.
Од Ферери се обидуваа по трката да го смират Леклер…
„Не сакавме да дадеме предност на било кој возач но мислевме дека тоа е најдобро во тој момент за тимот. Потполно ми е јасно како се чувствува Шарл, но мислевме дека Себастијан има повеќе шанси. Леклер има право да биде лут и ние тоа го прифаќаме. Жал ни е што така испадна, но можеби следниот пат одлуката ќе оди во негова корист“ – изјави менаџерот на Ферари, Матија Биното.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА