Еурофарм Пелистер ја забележа и втората победа во низа од стартот на ракометниот плејоф откако попладнево на домашен терен триумфираше над Бутел со резултат 28-23. Гостите од Скопје беа подобар ривал само во последните десетина минути од првото полувреме, премалку за да може да се изненади конкурентот за титулата. Воедно, денешниот меч беше успешно загревање за битолските „фармацевти“ пред претстојниот меч со Магдебург во рамките од Лигата на Европа.
Мечот почна со апсолутна доминација на битолчани, кои благодарение на цврстата одбрана веќе во шестата минута поведеа со 5-0. Бутел успеа да се консолидира, а потоа и пред крајот на полувремето да намали на 12-11. По голот на Мандалиниќ на одмор се замина со водство на Еурофарм Работник од 13-11, а хрватскиот „бомбардер“ потоа ја презеде одговорноста и на стартот на вториот дел, овозможувајќи домаќините да дојдат до убедливи „плус шест“ (18-12). Бутел не се предаде, на десет минути до крајот намали на 22-19, пред серијата на гостите со својот седми гол да ја прекине Мандалиниќ. Избраниците на Бабиќ рутински го одработија финишот, на крајот триумфирајќи со конечни 28-23.
Стипе Мандалиниќ со осум погодоци беше клучна фигура на овој натпревар кај Еурофарм Пелистер, додека најефикасни во таборот на Бутел беа Трифковиќ и Јевтиќ со по пет гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА