Ракометниот суперлигаш Бутел продолжи со ангажманот на нови ракометари, откако по десниот бек Трифковиќ денеска го комплетира и трансферот на српскиот интернационалец Владимир Јевтиќ. Станува збор за ракометар кој настапува на пивотменската позиција и има 26 години (201 цм, 120 кг) и пристигнува од редовите на романскиот прволигаш Решица.
Претходно, Јевтиќ неколку сезони го носеше дресот на Металопластика, а има настапувано и за Железничар Ниш, пред да замине во Романија, каде одига само половина сезона. Потекнува од Металац Ваљево, а во Србија го носеше дресот и на Пролетер.
„Мојот клуб во Романија беше практично пред распад, а во меѓувреме добив понуда од Бутел Скопје. Овој клуб го следам од неодамна и ми се допаѓа како се развива, па решив да ја прифатам понудата, иако имав и други опции. Слушнав само убави зборови, а покрај тоа ми се допаднаа и амбициите на клубот, кои се исти со моите. Среќен сум што ќе имам можност да играм плеј-оф во Македонија, кој според мене ќе биде најсилен во цела екс Југолсавија. Ветувам дека ќе дадам се од себе и се надевам само на најубави работи“, истакна Јевтиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА