Бутел го чува најдобриот стрелец

Екипата на Бутел успешно ги финишираше преговорите за задржување на својот најдобар стрелец од ланската сезона, потпишувајќи нов едногодишен договор со Мирко Мајиќ. Црногорецот се наметна како еден од лидерите на тимот во претходните две сезони, а неговото останување е јасен знак и за амбициите на „бутелци“ и во следната сезона да се борат за место во европските купови.

„Задоволен сум од оваа сезона, бевме блиску до остварување на целите што ни беа зацртани, иако за жал поради ситуацијата не стигнавме до крајот. Сепак РФМ донесе правилна одлука за сите инволвирани во ракометот, бидејќи ќе беше лошо ако се продолжеше првенството после голема пауза. Пресуден фактор што решив да продолжам во Бутел е одличниот колектив што го имаме. Сметам дека без добар колектив нема успех и нема резултати. Можам слободно да кажам дека во Бутел играм со најдобри момци во мојата кариера, а овде сум прифатен како да сум Македонец, а не странец. Клубот е стабилен и немаме проблеми со финансиите, бидејќи сметам дека тоа е најважно за секој спортист. Ракометот не е се во животот, туку градењето добри пријателства, а јас стекнав многу такви во Македоија и среќен сум поради тоа. Ако работиме квалитетно сите заедно, сигурно најмалку ќе ги повториме минатите успеси. Се радувам и на новата соработка со Кристијан Грчевски, и мислам дека може многу да научам од него, со заедники сили ќе одиме кон нови успеси“, истакна Мајиќ.

Бутел исто така е во преговори за задржување на ветеранот Златко Мојсоски, а раководството на клубот размислува и за ангажман на неколку квалитетни засилувања.

Се вчитува...