Ракометарите на Бутел по огромна борба во драматична завршница успеаја да слават со 21-22 на гостувањето против Неготино, меч на кој скопскиот клуб важеше за фаворит, но „вардарци“ изненадија со одлично издание на теренот. Домашниот тим има за што да жали ако се знае дека на неколку минути до крајот водеше со 20-18, но Бутел покажа карактер и направи пресврт поведувајќи со 21-20. Вардар Неготино тргна во последен напад без голман, успеа да погоди за 21-21, но „бутелци“ одлично реагираа и од брз центар стрелаа прецизно во празната мрежа. Дојде до мешаница, а судиите Тодоровски и Митревски по прегледувањето на снимката одлучија голот да биде признаен, што значеше и триумф на Бутел на овој натпревар. Николов со осум и Јефтиќ со пет гола ги предводеа стрелците кај победничкиот тим, додека на домашниот состав не му помогна ниту одличното издание на Адамовиќ и неговите 11 погодоци.
Охрид лесно стигна до бодовите на домашен терен против Аеродром, славејќи со 31-23 над новиот суперлигаш. Избраниците на Алушовски ги решија дилемите околу победникот уште во првиот дел што го добија со 18-11, по што во вторите 30 минути само рутински ја одржуваа убедливата предност. Орјоникидзе и Стоилевски беа најефикасни кај Охрид со шест гола, додека прв стрелец на Аеродром беше Наум Костов со осум гола.
Прилеп и Голден Арт ремизираа 28-28 во меч во кој гостите беа блиску до триумф, но Цветаноски со гол во последната минута спаси бод за прилепчани.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА