Бутел стигна до значајни бодови во битката за висок пласман во Супер-лигата откако по голема битка славеше на гостински терен против Пролет со резултат 20-24. Овој дуел во многу работи наликуваше на претходните пресметки меѓу двата скопски ривали, со цврсти одбрани и жестоки дуели, игра во која подобро се снајдоа гостите од Бутел, кои на крајот заслужено славеа за искачување на третото место на табелата.
Од самиот почеток стана јасно дека тешко ќе се стигнува до мрежата на противникот, се играше жестоко во дефанзива, па судиите многу често се решаваа да покажат на седум метри. Пролет имаше водство во текот на целото прво полувреме, на моменти и од два гола разлика, но Бутел успеа да се врати и на одмор се замина со израмнети 10-10. Пролет повторно имаше „плус два“ на почетокот од второто полувреме (14-12), но следеше серија од четири погодоци на гостите, кои во тој момент целосно ја презедоа контролата и почнаа да го диктираат темпото. Пролет се врати со два гола во празна мрежа, но тоа беше само моментно, Бутел беше подобар ривал во вториот дел и благодарение на цврстата одбрана и одличните голмани гостинскиот состав заслужено стигна до победата. Пролет последната шанса за камбек ја пропушти кога Палевски не реализираше пенал при „минус два“, по што „бутелци“ искусно го приведоа мечот до крај, на крајот славејќи со убедливи 20-24.
Мајиќ со девет и Тот со пет погодоци беа најзаслужни за победата заедно со голманот Чаневски, додека кај Пролет најефикасен беше Пецаковски до девет постигнати гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА