Ракометарите на Бутел во десеттото коло стигнаа до седмата победа во Супер-лигата откако вечерва триумфираа во скопската пресметка против Металург со резултат 21-19. Цврстите одбрани беа главна одлика на овој меч, но неможноста на Хорват да продолжи во ист ритам како во првото полувреме се покажа клучен фактор Металург да не издржи до крај и да претрпи уште еден пораз.
„Металурзите“ беа подобар ривал во голем дел од првото полувреме, во кое избраниците на Иван Марковски во неколку ситуации имаа предност од „плус два“. Бутел благодарение на цврстата одбрана успеа да се врати и на одмор да се замине со израмнети 12-12, период во кој Златко Хорват имаше осум гола за Металург, а Мајиќ беше стрелец на пет погодоци за „бутелци“.
Израмнетата игра продолжи и во вториот дел, се додека домашните ракометари не го искористија исклучувањето на Велко Маркоски за резултатски да се одлепат. Металург успеа да се приближи, но Хорват имаше еден промашен зицер и еден нереализиран пенал во клучните моменти. При 20-19 блесна младиот Митев, кој одлично проби на десен бек и го матираше Дупјачанец, за печат на победата на Бутел.
Мајиќ со осум гола ги предводеше стрелците на победничкиот тим, по четири гола постигнаа Јевтиќ и Ѓоргиевски, додека на Металург залудни му беа десетте погодоци на Хорват.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА