Најинтересниот натпревар од 11. коло во Супер-лигата, пресметката меѓу Радовиш и Бутел, заврши без победник (26-26). И двата тима имаат за што да жалат, Бутел поради предноста од 9-12 што ја имаше по првото полувреме, а Радовиш поради фактот дека на помалку од две минути до крајот преку Илиев поведе со 26-24. Гостите од Скопје сепак не се предадоа и преку Мајиќ и Димовски стигнаа до бод на овој тежок натпревар.
Ивица Илиев постигна десет гола за Радовиш, а исто толку на спротивната страна реализираше Мајиќ.
Ракометарите на Пролет лесно го скршија отпорот на Металург2, триумфирајќи во скопската пресметка со убедливи 35-23. Гостите парираа само до 8-8, за потоа домашниот тим да ја презеде иницијативата, на одмор да замине со убедливи 17-10, а потоа на крајот да слави со 12 гола разлика.
Ласко Андоновски беше во главна улога со десет гола за победничкиот тим, а најефикасен кај гостите беше Кофилоски со шест погодоци.
Пелистер без многу мака ја совлада екипата на Струга со убедливи 38-24. Битолчани одлично го отворија мечот, поведоа со 5-1, а потоа ја зголемуваа предноста како што одминуваше времето, се до конечните „плус четиринасет“. Трајковски со девет и Талевски со осум погодоци беа најефикасни за битолскиот клуб, додека прв стрелец на стружани беше Кузманоски со седум погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА