Бутел се врати на победнички патеки во ракометниот плејоф откако попладнево по огромна битка скопскиот суперлигаш славеше во Битола над Еурофарм Пелистер 2 со резултат 25-26. По поразот од Пролет и ремито со Металург, овие бодови беа неопходни за „бутелци“ да се вратат во игра за третото или четвртото место на табелата, кое води во европските купови наредната сезона.
Првото полувреме мина во тактичко надмудрување и во израмнета игра, по што на одмор се замина со 14-14. Бутел извонредно го стартуваше вториот дел, младите „пелистерци“ постигнаа само еден гол во првите десет минути, а гостите го искористија тоа за водство од убедливи 15-20. Еурофарм Пелистер 2 неодамна се врати од слична негатива против Охрид, па избраниците на Јовиќ не се откажаа, од минута во минута топејќи ја негативата. На две минути до крајот резултатот гласеше 25-26, „пелистерци“ имаа два напади за израмнување, но не успеаја да постигнат гол, па овој интересен меч заврши со триумф на гостите од Скопје.
Спасовски со шест и Мајиќ со пет гола беа предводници во оваа победа на Бутел, додека најефикасни кај Пелистер 2 беа Стефан Талевски со седум и Павле Атанасијевиќ со шест погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА