Градската пресметка меѓу Бутел и Пролет заврши со победа на домашниот тим од 23-21, во рамките од последното суперлигашко коло. Мечот немаше преголемо значење ако се знае дека Бутел секако веќе имаше обезбедено пласман во плејофот, додека Пролет во следните два месеца го очекува учество во плејаут натпреварувањето, но сепак можеа да се проследат 60 квалитетни минути во кои главен акцент беше ставен на одбраната на двата тима.
Првото полувреме донесе израмнета борба во која ниту еден од двата тима не успеа посериозно да се одлепи. Пролет за момент имаше „плус два“ (7-9, 8-10), но „бутелци“ се вратија и со голот на Николов на одмор се замина со израмнети 13-13. Пресудни на крајот беа завршните минути од мечот, откако Пролет при 21-20 имаше напад за израмнување што Палевски не го искористи. Бутел казни на вистински начин, набрзина поведувајќи со 23-20, за домашниот тим на крајот заслужено да слави со конечните 23-21.
Филип Николов со девет гола беше клучен играч во победничкиот тим, пет постигна Ѓеоргиевски, додека најефикасни во таборот на Пролет беа Стоилевски со пет и Палевски со четири погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА