Ракометарите на Бутел ја запишаа првата победа во сезоната откако славеа на гостувањето кај Мулти Есенс со 28-33 благодарение на подобрата игра во второто полувреме.
Натпреварот започна во изедначено темпо, а прв која ја превзема иницијативата беше домашниот тим кој благодарение на серијата од 3-0 при средината на првото полувреме успеа да стигна до предност од 10-7. Подобрата игра на Мулти Есенс му донесе и предност од пет гола во два наврати, но завршницата на првите 30. минути им припаднаа на поискусните гости кои одговорија со серија од 6-1 за изедначување на 16-16.
Моментумот на Бутел продолжи и на отварањето на второто полувреме во кое од минута во минута се зголемуваше предноста на „сино-белите“. Гостите поведоа со 21-25, а немаа проблеми да ја задржат предноста до самиот крај, приредувајќи мирен финиш на средбата.
Со осум голови прв стрелец на Мулти Есенс беше Димитар Узунчев, а него го следеше Мартин Димовски со пет голови. По шест голови за Бутел постигнаа Ѓеоргиевски, Николов и Иваниќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА