Бутел преспа едно полувреме, па убедливо го победи Прилеп

Бутел славеше на домашен терен над Прилеп со резултат 32-25, меч во кој домаќините целосно потфрлија во првите 30 минути, но со супериорно издание во второто полувреме стигнаа до посакуваните бодови. Поразот од Алпла и елиминацијата од европските купови дефинитивно оставија трага врз играта на „бутелци“, кои во првиот дел беа далеку од посакуваниот ритам.

Прилепчани беа тие што го диктираа темпото во првите 30 минути, во кои Бутел поведе со 2-0, но потоа гостите ја презедоа контролата над резултатот. Прилеп во неколку ситуации имаше минимално водство, за на одмор да замине со предност од 14-15. Гостинските ракометари поведоа со 15-16 на стартот од второто полувреме, по што домаќините конечно се разбудија и заиграа на повисоко ниво. Три брзи гола на Бутел значеа водство од 18-16, по што предноста на домашните ракометари почна да се зголемува, набрзо беше 23-19, за избраниците на тренерот Грчевски до крајот да стигнат до уште поубедливи 32-25.

Филип Николов одигра одличен меч за Бутел постигнувајќи девет погодоци, еден помалку реализираше Мајиќ, додека најефикасни во таборот на Прилеп беа Ѓоргиевски со седум и Шокоски со шест постигнати гола.

Се вчитува...