Бутел по голема битка славеше над Радовиш со минимални 29-28 во најинтересниот од четирите натпревари што денеска беа на програмата во ракометната Супер-лига. Скопскиот клуб влезе во мечот како голем фаворит, но се соочи со проблеми откако гостите поведоа со 15-18 по 30 минути игра. Домашните ракометари направија пресврт, поведоа пред самиот крај со 29-26, но радовишани по двата гола во завршницата немаа време за целосен камбек и освојување на барем еден бод. Златко Мојсоски со осум гола беше најефикасен кај Бутел, додека Ивица Илиев со девет гола беше во главна улога во таборот на Радовиш.
Неизвесно беше и на дуелот меѓу Струга и Пелистер, два клуба кои се наоѓаат во сериозна финансиска криза. На крајот се радуваа „пелистерци“ со 24-26, најефикасни во победничкиот тим беа Буторац и Талевски со по шест погодоци.
Металург немаше милост кон младиот тим на Вардар јуниор, триумфирајќи со убедливи 41-17 (полувреме 19-9). Тренерот Стојановиќ им даде шанса на сите играчи, а со по пет гола кај Металург најефикасни беа Шилегов, Кондев, Лазаревски и Арсеновски.
Првата победа сезонава ја забележаа ракометарите на Охрид, кои триумфираа на домашен терен со 34-22 над Работнички. Охриѓани тргнаа фуриозно, на самиот почеток поведоа со 5-0 и потоа ја зголемуваа предноста до самиот крај. Блажевски постигна шест, а Талески и Кривокапиќ по пет погодоци за победничката екипа, додека најдобар стрелец на Работнички при денешниот пораз беше Давор Палевски со дессет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА