Екипата на Бутел максимално подготвена го дочекува продолжението на ракометната сезона, стартот на плејофот кој ќе ги одреди и патниците во ракометна Европа за наредната сезона. „Бутелци“ две години по ред беа дел од европските купови, а се надеваат дека таа серија ќе продолжи и во наредната сезона.
За таа цел, неодамна беа ангажирани српските интернационалци Владимир Јевтиќ и Душан Трифковиќ, кои ќе бидат значајни адути на „бутелци“ во претстојните пресметки.
„Искрено, презадоволен сум што дојдов во Бутел, бидејќи во Романија атмосферата не беше на ниво и не бев навикнат на нивниот стил. Овде сум воодушевен, од соиграчите, тренерите, раководството и атмосферата. Сите сме како едно семејство и среќен сум овде. Веќе сите знаат дека плеј-офот во Македонија оваа година е квалитетен и мислам дека ова е прв плеј-оф каде екипите на Еурофам Пелистер и Вардар не влегуваат лесно во целата приказна, мислам ќе биде интересно. Целта е четвртото место, но мислам дека оваа екипа може и повеќе“, вели Јевтиќ.
Бутел во првото коло од плејофот утре ќе го пречека Охрид, тим што немаше ниту еден пораз во првата фаза од Супер-лигата.
„Тука сум два месеци, а се чувствувам како да помина цела година. Тоа зборува дека сум многу добро прифатен од страна на играчите и клубот. Се чувствувам како да сум дома. Генерално сум запознаен со квалитетите на другите екипи. Целта на клубот е топ 4 и борба за излез на европска сцена. Јас Бутел го гледам на трето или четврто место, сигурно. Многу е важно да имаме добар старт, да почнеме добро против Охрид, потоа ќе биде се полесно“, порачува Трифковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА