Чаби Алонсо доби отказ! Реал Мадрид веднаш именуваше нов тренер!

Фудбалскиот клуб Реал Мадрид донесе одлука да му врачи отказ на досегашниот тренер Чаби Алонсо!

По поразот во финалето на шпанскиот Суперкуп против Барселона, раководството на „кралскиот клуб“ денеска одлучи дека е време да се раздели со стручњакот кој ова лето пристигна во клубот од Баер Леверкузен.

Во официјалното соопштение, од Реал не ги наведоа причините за таквата одлука, иако е јасно дека веќе некое време никој не е задоволен од резултатите што ги постигнува клубот, а самиот Алонсо имал проблем со одредени играчи – пред сè со Винисиус.

„Чаби Алонсо секогаш ќе ја има наклонетоста и восхитот на сите навивачи на Реал Мадрид бидејќи е легенда на Реал Мадрид и отсекогаш ги претставувал вредностите на нашиот клуб. Реал Мадрид секогаш ќе биде негов дом. Нашиот клуб сака да им се заблагодари на Чаби Алонсо и на целиот негов технички тим за нивната работа и посветеност во овој период и им посакува многу среќа во оваа нова фаза од нивниот живот“, се вели во соопштението.

Чаби Алонсо беше само на 34 натпревари на клупата на Реал, а има ефект од 2,24 бода по натпревар. Во Ла Лига тие се четири бода зад Барселона, а во Лигата на шампионите се на седмото место.

Иако се споменуваа разни големи тренерски имиња за негов наследник, клубот ќе продолжи да го води друг поранешен играч, Алваро Арбелоа, познат по добрата работа со младите луѓе. Клубот веднаш го именуваше Арбелоа за наследник на Чаби Алонсо на клупата на тимот!

Се вчитува...