Се оди „како подмачкано“ за Баер Леверкузен во последниот период. Приближување до Баерн Минхен на шест бода во Бундеслигата, најава дека Флоријан Вирц ќе остане во клубот барем до летото 2026 година, а сега и веста дека тренерот Чаби Алонсо останува на чело на клубот и следната сезона.
Како што пренесува Билд, Шпанецот и неговата сопруга избрале куќа во Дизелдорф што сакаат да ја купат!
„Тој моментално живее во станбена зграда во областа Оберкасел. Целото семејство се чувствува многу удобно тука и го чувствува Дизелдорф како свој дом. Сега очигледно сакаат да имаат повеќе удобност. Единствениот услов на Алонсо е да не мора да патува повеќе од половина час до Баер арената и тренинг кампот на клубот. Тоа се показатели дека младиот стручњак ќе го испочитува договорот до крај, или можеби дури и ќе го продолжи. Тој треба да ги објави своите идни планови по репрезентативната пауза“ – пишува „Билд“.
А дека сè води кон тоа Чаби Алонсо да остане на клупата на Баер, укажуваат и неговите изјави од пред неколку дена…
- „Многу сум задоволен од клубот и условите. Ми се допаѓа стабилноста и постојаноста, секојдневната рутина, фактот што не треба да се грижам за други работи, само за фудбалот. Се додека ми е дозволено да бидам среќен на мојата работа“ – рече Алонсо.
Да потсетиме, Чаби е често спомнуван како наследник на Карло Анчелоти во Реал Мадрид. Актуелниот договор со клубот му истекува во јуни 2026 година, но нема сомнеж дека Баер ќе се обиде да го убеди Шпанецот да потпише нов договор.
Во секој случај, Левер ќе изгледа многу поинаку следната сезона отколку во последните две. Да, најдобриот играч, Флоријан Вирц – останува, истото се очекува и од многу важен играч Алекс Грималдо, но заменик капитенот Џонатан Та дефинитивно заминува, бидејќи неговиот договор истекува. Позајмените играчи Емилијано Буендија, Норди Мукиеле и Марио Хермосо не обезбедија трајни договори и ќе се вратат во своите клубови. Виктор Бонифас ја предводи листата на играчи кои треба да бидат продадени, а сериозни пари се очекуваат да дојдат од обештетувањето за Џереми Фримпонг.
Јонас Хофман повеќе нема значајна улога и бидејќи сака поголема минутажа, клубот нема да му прави проблеми – ќе биде ослободен. Слична е ситуацијата и со младиот дефанзивец Артур. Ниту Гарсија не се вклопи добро, па го затвора кругот од девет играчи кои најверојатно од лето нема да бидат во клубот.
Чаби Алонсо е подготвен да се справи со сериозна обнова. Само приходот од заминувањето на Фримпонг и Бонифас треба да биде околу 100 милиони евра. Можеби повеќе. Засега се шпекулира дека во Леверкузен би можел да се преселат Рајан Шарки или Михаил Мудрик. Ќе се вложат сериозни пари и во нов стопер. Првата желба е Дин Хајсен (19).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА