Реал Мадрид денеска и официјално го претстави Чаби Алонсо за нов тренер на „кралскиот клуб“, потпишувајќи тригодишен договор со шпанскиот стратег кој своевремено и како играч беше дел од „кралевите“.
Чаби го напушти кормилото на Баер Леверкузен прифаќајќи ја најзвучната тренерска работа во европскиот фудбал. Тој не го криеше задоволството што се враќа на „Сантијаго Бернабеу“ како тренер, доаѓајќи на местото на Карло Анчелоти.
„Ова без сомнеж е специјален ден за мене, нешто што ќе го паметам цел живот. Среќен сум што сум овде, на местото што го чувствувам за свој дом, бидејќи мојата врска со Реал не беше прекината сите овие години. Чувствувам дека ова е почеток на нова ера, голема благодарност до Флорентино Перез што верува во мене и што ми ја укажа оваа чест. Сакам да се навратам и на претходната ера, Карло Анчелоти ми беше тренер, можам да кажам дека е прекрасен човек кој имаше огромно влијание врз мене. Без неговото маестрално водење, јас најверојатно денеска немаше да бидам овде… Се надевам дека ќе ги оправдам очекувањата и ќе ги освоиме сите работи за кои веруваме дека сме способни. Сакаме навивачите на Реал Мадрид да бидат горди, луѓето да дојдат на стадион и да уживаат. А оние кои гледаат на ТВ, гордо да велат – ова е мојот Реал Мадрид“, истакна Чаби Алонсо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

