Веднаш по објавувањето на Јирген Клоп за заминување од клупата на Ливерпул, името на Чаби Алонсо беше истакнато како прв фаворит за наследник на Германецот на „Енфилд Роуд“.
Шпанскиот стратег своевремено беше играчка легенда на Ливерпул, а токму фактот што е миленик на навивачите, надополнет со тактичката генијалност што ја покажува во Баер Леверкузен го прави идеален кандидат за англискиот фудбалски гигант. Неговиот поранешен соиграч од Баерн Минхен, Бастијан Швајнштајгер обелодени дека Чаби сонува за враќање како тренер на „Енфилд“.
„Добро го знам Чаби, се зближивме додека двајцата бевме во Баерн. Негов голем сон е да стане тренер на Ливерпул, никогаш не го криел тоа од најблиските. Затоа, верувам дека летово тој сон ќе му се исполни“, истакна Швајнштајгер.
Англиските медиуми тврдат дека челниците на Ливерпул веќе го контактирале Алонсо. Тој останал доследен на ставот дека сака да остане фокусиран на Баер Леверкузен и борбата за трофеи со овој клуб, но ставил до знаење дека е подготвен да седне на маса на преговори веднаш штом сезоната заврши.
Чаби Алонсо останува главен фаворит во трката за наследник на Клоп, пред Рубен Аморим од Спортинг и Де Зерби од Брајтон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА